Студентите на Машински факултет при УГД имаа можност да се запознаат со најновите трендови во областа на електрониката, металургијата, енергетиката, преку посетата на саемот „Технома 2016“.
Студентите од студиските програми на Машинскиот факултет од кампусите во Штип и во Струмица продолжуваат со праксата да посетуваат реномирани саеми од оваа област, што за нив е од големо значење.
- Вакви саеми сме посетувале. Бевме и на „Технома“ пред две години и ни беше добра основа да се здобиеме со сознанија до каде е напредокот на техниката, до кој степен е напредната. Ова ќе значи многу за сите генерации на студенти да се пронајдат во кој дел би сакале да напредуваат - изјави Емилија Тодорова, студентка во четврта година на Машински факултет
Стефанија Василева, студентка во трета година, првпат го посетува саемот „Технома“, но претходно посетила други саеми во регионот.
- На „Технома“ сум првпат, но претходно бев со моите колеги на саемите во Белград и во Нови Сад, каде што имаше изложено доста земјоделски машини, имаше што да се види. И овде на „Технома“ има многу работи кои ќе го збогатат нашето знаење што ќе помогне во нашиот образовен процес - изјави Стефанија Василева, студентка во трета година
Машинскиот факултет редовно им овозможува на студентите да бидат во тек со напредокот на техниката и затоа посетите на саемите во Македонија и во регионот станаа дел од образовниот процес за студентите.
- Со посетата на „Технома“ продолжуваме со праксата да ги посетуваме најдобрите саеми во регионот, со цел на студентите да им овозможиме да ги видат најновите достигнувања во областа на техниката, да ги запознаеме студентите со практичните работи, она што го предаваме на часовите да го видат и во пракса. Ваквите саеми за Факултетот се добра можност за запознавање со новитетите на пазарот од машинската индустрија - изјави доц. д-р Сашко Димитров од Машински факултет
Технома 2016