Глигор Терзиев, дипломиран машински инженер од Машински факултет Штип
Дипломиравте во 2020 година на Машинскиот факултет Штип при УГД. Имавте интересна дипломска работа. Што всушност е Вашата дипломска работа ?
- За дипломска работа изработив модел на механичката поврзаност помеѓу погонските делови кај целосно хибридните возила со паралелна врска на погонот. Овој модел всушност е реален приказ на начинот на работа на хибридните возила.
Уште како студент, во текот на студирањето започнавте детално да се занимавате со заварување на материјалите.
Денес имате свој мал приватен бизнис поврзан токму со заварување на материјали, соработувате со неколку компании како outsource оператор. Постојат повеќе постапки за заварување, која постапка најчесто ја користите ?
- Во мојата работа, во најголем дел, ја користам TIG технологијата за заварување. (Gas tungsten arc welding). Тоа е електролачно заварување со нетоплива волфрамова електрода, во заштитна инертна околина од аргон. Аргонот е идеален инертен гас и овозможува заварување на речиси сите конвенционални метали кои се користат во индустриите.
Кои се предностите на оваа технологија на заварување ?
- Современата TIG технологија овозможува заварување на различни видови материјали - инокс, челик, титаниум, никел, бакар, магнезиум, како и различни видови на легури. При внимателно работење, со претходен тренинг и знаење, оваа технологија овоможува прецизно заварување со многу мала дебелина на основниот материјал, почнувајќи од една десетина од милиметар па до големи конструктивни завари. TIG процесот на заварување е доста бавен, и е еден од најскапите и најтешки процеси на заварување кој се изведува од човечки оператор.
Дали освен TIG постапката на заварување работите и со други постапки на заварување?
- Работам и MIG/MAG технологија на заварување, која овозможува заварување на материјали како што се црни челици, инокс, алуминиум. За разлика од TIG постапката, оваа постапка е доста поагресивна и овозможува заварување само од конструктивен карактер. Најголема предност на оваа постапка се доста пониските трошоци, но и поголемата брзина на заварување споредено со TIG процесот.
Кои се Вашите планови за во иднина ?
- Знам дека од оваа година на Машинскиот факултет во Штип се воведуваат нови студиски програми, и на додипломски и на магистерски студии. Една од новите програми е и Информатичка технологија во машинството, за која лично сметам дека е доста интересна. Доколку се воведат и магистерскис студии на таа програма, би сакал да продолжам на магистерски студии, бидејќи сметам дека така би можел постепено да го надградувам моето знаење, во смисол на автоматизација на процесите на заварување, подобарување на квалитетот и продуктивноста и елиминирање на човечката грешка како неизбежен фактор при мануелно изведување на различни процеси. Несомнено е дека развојот на сите гранки од машинството во иднина ќе се одвива преку користење на компјутери и информатичка технологија.
Дали студирањето технички факултет е исплатливо?
- Секако да. Денес сите профили на инженери се барани. За машински инженери има голем дефицит и во Македонија и во странство. Добар машински инженер, денес во Македонија може да избира каде би се вработил а и примањата споредено со другите инженери се доста солидни.