Стефанија Василева e дипломиран машински инженер, вработена во Adient Automotive –Strumica Plant.
Како еден од најдобрите студенти на Машинскиот факултет при УГД –Штип дипломира со просек 9.75 на насоката Транспорт, организација и логистика во Струмица. Денес работи како инженер, одговорен за квалитетот на производите кои компанијата Adient Automotive –Strumica Plant ги изработува за потребите на производителот на автомобили Volkswagen од Република Германија.
Дали она што сте го учеле на факултет ви помогнало во работата ?
Знаењето со кое се стекнуваме низ студиската етапа е силна поткрепа на она што следи во работата и се бара од нас. Рационалноста со примеси на математичкото и логичкото размислување е она што ми помага во решавањето на еден проблем.
Денес работите како инженер за квалитет. Можете ли поточно да ни ги опишете вашите работни обврски како инженер за квалитет?
Моето работно место опфаќа адекватна организација на shop-floor тимот, директна комуникација со customer делот и одговор на тековните барања за квалитетот на финалниот производ. Тоа е тимска работа со цел остварување пониски интерни трошоци, поголема ефикасност при работата и повисок пласман на пазарот.
За времето додека студиравте, заедно со уште неколкумина студенти, бевте активни и во невладиниот сектор, во студентската организација EESTEC. Какво е Вашето искуство со овaa организација ?
Доста позитивно. Оваа организација имаше доста позитивно влијание на нас. Tогаш, како млади луѓe, заедно со дел од моите колеги се ангажирвме и успеавме оваа организација да ја донесеме во Струмица. Чувствата за припадност, организираност и одговорност се развиваат токму преку ваквите друштвени собири и на тој начин се овозможува и проширување на контактите со студенти од други унверзитети.
Кои се вашите планови за во иднина?
По стекнување на неколкугодишно работно искуство планирам да се запишам на магистерски студии, а потоа и докторски студии во странство.
Кое е Вашето мислење за оправданоста да се студира на Машински факултет во денешно време?
Брзиот техничко технолошки развој наметнува потреба од познавање на многу нови софистицирани техники и вештини. Најголемиот дел од нив се изучуваат токму на Машинските факултети. Со креирањето на различни студиски програми на Машинскиот факултет се овозможува и тесно специјализирање во одредана област од машинството. Машинскиот факултет го вбројувам меѓу еден од неколкуте перспективни факултети што се одличен извор на работна сила и знаење.