Студентите од прва и втора година на Машински факултет при Универзитет „Гоце Делчев” во рамките на теренската настава реализираа посета на компаниите „Ламинати ком“ и „Витаминка“ во Прилеп.
„Ламинати ком“ е приватна компанија која е специјализирана во производство на електроизолациони ламинати, композитни материјали и машински делови изработени според технички цртежи. Во рамките на оваа посета студентите имаа можност да се запознаат со технологиите за производство на структурни композити во форма на плочи, цевки, стапови, цилиндри и прстени. Тие во реални услови ја видоа примената на технологијата за намотување на влакна - Filamnt Winding, што всушност е техника за производство на композитни цевки и цилиндри и примена на технологијата – полтрузија за добивање на композитни структури со различни профили. Исто така, тие го посетија и машинскиот парк на производственото претпријатие и им беа објаснети CNC машините и универзалните тест машини. Го посетија и погонот Еуропрофил, лоциран во с. Алданци, кој е дел од „Ламинати ком“.
Во рамките на теренската настава го посетија и претпријатието за прехранбени производи „Витаминка“, каде што на студентите им беа презентирани автоматизираните машини за производство на „Стоби флипс“.