Емилија Стојанов, дипломиран машински инженер од Струмица
Пред околу 3 години на Машинскиот факултет на насоката Транспорт, организација и логистика во Струмица дипломираше Емилија Тодорова, еден од најдобрите студенти на факултетот. Во текот на студирањето тиха, скромна, ненаметлива на часовите, но вредна и со добри резултати, дипломираше со просек 9, студент на нејзината генерација на Машинскиот факултет.
Машински факултет деновиве ја контактираше Емилија, сега веќе среќно мажена, со презиме Стојанов, и мајка на десет месечна прекрасна ќерќичка Анисија.
Ја запрашавме за нејзината животна приказна после дипломирањето.
По дипломирањето се вработив како професор во средното техничко училиште Никола Карев во Струмица, како професор на ученици од прва до четврта година по предмети од областа на машинството.
Моето следно вработување како машински инженер беше во Еко инженеринг - НС, компанија за извршување на стручни работи од областа на безбедност и здравје при работа, каде и сега сум вработена. Во оваа компанија работам од контрола на алатите за работа - машините, апаратите, па се до проекти и активности поврзани со безбедноста при работата.
Во текот на студирањето бевте ангажирани и од германската компанија Wagenfelder Spinnereien GMBH за учество во два проекти за изградба на канал за поставување на машина во Кина. Овие проекти беа успешно завршени. Какво е вашето мислење за ова ваше искуство да се работи на реални проекти за време на студирањето?
Кога работите на реални проекти, имате можност да ја почувствувате одговорноста на инженерите во нивната работа. Задоволството е огромно, со работа на проекти добивате можност дотогаш стекнатите знаења и вештини на факултет да ги имплементирате при реализација на реален проект. Во логистичкиот синџир за изграба на каналот бев првата и мошне одговорна алка за неговата реализација.
Од следната учебна година, по завршувањето на состојбата со корона вирусот, се планира на студентите од Машинскиот факултет да им се овозможи професионална пракса во современи производни компании, со што тие ќе можат од близу да се запознаат со практична работа во реални производни процеси. Какво е Вашето мислење за ова?
Практичната работа е многу важен сегмент за создавање на квалитетни инженери од било која област. Преку пракса во производни компании студентите имаат можност директно да се запознаат со начинот на кој функционираат компаниите, начинот на организација на производството, реалните предизвици и одговорности во процесот на производство, улогата на инженерите во целиот процес. Студентите, покрај теоретските основи, со праксата стекнуваат и вештини кои ги прават многу покомпетенти при вработување. Колку што мене ми е познато, ова е прва иницијатива од ваков вид во нашата држава, и ова навистина многу ќе им помогне на идните студенти и инженери, да бидат свесни за своите способности и недостатоци, реално да можат да ги проценат сопствените можности на пазарот на труд. ,
Кои се Вашите планови за во иднина?
Сепак овде не застанувам, желбата и можноста за напредок со техничките факултети се големи, планирам да работам како лиценцирано стручно лице за безбедност и здравје при работа со што би можела во целост да ги вршам сите проценки за ризик на работно место, сите мерења на услови во кои се работи, итн, зад кои ќе стојат моите име и презиме како дипломиран машински инженер. Би сакала да продолжам и со магистерски студии, но за сега приоритет ми е семејството, односно моето дете.
Неколку години по дипломирањето, какво е Вашето мислење за Машинскиот факултет, што добивте со студирањето ?
Студиите на машинскиот факултет, ми помогнаа многу да се претставам со знаење, смелост за предизвици, како и да влеам доверба кај работодавачот, дека би нашла решение за секој проблем во мојата професија.
Кој е Вашиот совет за идните академски граѓани, за матурантите при изборот на факултет ?
Новата студиска програма Мехатроника, е досега најпримамливата насока за овој факултет, токму заради тоа што поврзаноста на механиката со електрониката и информатиката е неминовна, а брзиот техичко-технолошки развој прави да секој систем, секоја машина е се по софистицирана.За овој профил на инженери секогаш има отворени огласи и можности за вработување
Изборот за машински факултет е непогрешлив. Неговата тежина ја носи најголемата вредност во нашиот личен професионален живот, а тоа е дека никогаш не застануваме, постојаната надоградба со технологијата ни е неминовна. Стануваме дел од 'семејството' на инженери, кои секогаш се на највисокото место на пиедесталот.