Во текот на студиите покрај предвидените обврски за совладување на предвидениот материјал за изучување, студентите имаат можности и за други активности.
Факултетот за своите студенти редовно организира посети на компании од машинската индустрија во Македонија (Актива инженеринг -Штип, MARQUARDT-Велес, Витаминка-Прилеп, Ламинати КОМ-Прилеп, Руен Инокс- Кочани, ИГМ Трејд - Кавадарци, РЕК Битола, ТЕЦ Неготино и др. , но посети и на други сродни високо образовни институции и научни институти и лабаратории. Со цел запознавање на студентите со современите достигнувања во науката и техничките иновации често пати се организираат и посети на саеми во Македонија и во околните држави.
Во посета на фабриката Marquardt- Велес |
Во посета на фабриката Руен инокс -Кочани |
Склучени се договори за соработка во повеќе области со повеќе компании од Македонија, како на пример MARQUARDT - ВЕЛЕС, DRAXLMAIER – Македонија – Кавадарци, Актива Инженеринг - Штип, Руен Инокс - Кочани, ИГМ Трејд - Кавадарци и др. Со овие договори, помеѓу останатите облици на соработка , договорена е и можност студентите од Машинскиот факултет во Штип да обавуваат професионална пракса во летниот период, но и во текот на наставниот период (еден ден во неделата), доколку за тоа постојат услови.
При уписот во прва година, десетте најдобро рангирани студенти се ослободени од плаќање на партиципација за првата студиска година. Голем дел од студентите добиваат стипендии и од Министерство за образование.
Студентите имаат можност еден семестар, или една учебна година, зависно од нивниот избор, да аплицираат и студираат на некој од факултетите учесници во програмата за размена на студенти во Европа- ERASMUS. Досега на Машинскиот факултет во Штип преку оваа програма имаат студирано студенти од повеќе европски држави Шпанија, Турција и др.
Водењето на целокупната евиденција околу студирањето се води во електронска форма и студентите за цело време на студирањето својот напредок во студирањето, како и сите административни активности ги извршуваат електронски, преку системот на електронски индекс. Имаат можност за користење и на платформа за електронско учење и директно превземање на учебници, збирки и други учебни материјали во електронска форма директно од Е-библиотека која функционира на ниво на Универзитетот.
Машинскиот факултет е компактен факултет, кој со новите студиски програми настојува да ги следи потребите на компаниите и настојува да продуцира кадри кои лесно и бргу би биле препознаени на пазарот на труд и вработени како машински инженери.