Search

Зошто да студирам на Машинкси факултет?

Отворена врата кон глобални можности и авантури

Машинското инженерство е техничка дисциплина која се занимава со проектирање, развој и примена на машини, уреди и механички системи што се користат во речиси сите индустриски гранки. Преку стекнатите знаења од области како механика, термодинамика, материјали и инженерски дизајн, студентите се оспособуваат за решавање на реални и комплексни инженерски предизвици.

Машинските инженери имаат широк спектар на можности за вработување – во производствени капацитети, автомобилската индустрија, енергетиката, обновливите извори на енергија, како и во научно-истражувачка и развојна дејност. Професијата нуди динамична работна средина, аналитички и креативни предизвици, како и можности за иновации.

Со својата значајна улога во развојот на современи технологии, автоматизацијата и унапредувањето на енергетската ефикасност, машинското инженерство претставува клучна професија за иднината, обезбедувајќи стабилна и перспективна кариера.

Машинско инженерство

Студиската програма Машинско инженерство на Машинскиот факултет претставува темелна основа за развој на современ машински инженер и обезбедува широко и сеопфатно техничко образование. Таа е насочена кон разбирање на принципите на функционирање на машините и техничките системи, нивна анализа, оптимизација и унапредување во согласност со современите индустриски потреби.

Студентите стекнуваат знаења од клучните области на машинството, како што се механика, наука за материјали, термодинамика и основи на енергетски и технички системи, при што развиваат аналитички и системски пристап кон решавање на инженерски предизвици. Наставата е насочена кон комбинирање на теоретските знаења со практична примена, преку лабораториски вежби и проектно-ориентирана работа.

Покрај техничките компетенции, програмата овозможува стекнување знаења за управување со процеси, ресурси и организација на работа во индустриска средина, со што студентите се подготвуваат за координација и водење на инженерски активности.

Машински дизајн и производство

Студиската програма Машински дизајн и производство е насочена кон креирање и развој на инженерски производи – од почетна идеја, преку проектирање, до нивна изработка и унапредување.

Студентите стекнуваат практични знаења за користење на современи CAD/CAM алатки, како и за разбирање на производните процеси и технологии. Во рамки на програмата се става посебен акцент на оптимизација на процесите, тестирање и континуирано подобрување на производите, со цел добивање квалитетни и конкурентни решенија.

Оваа студиска програма ги подготвува студентите за работа во производствени компании, развојни центри, инженеринг компании, како и во областа на индустриски дизајн и развој на производи.

Мехатроника

Студиската програма Мехатроника е насочена кон едукација на стручни кадри кои ќе придонесуваат за развојот и унапредувањето на современите автоматизирани и интелигентни технички системи. Програмата опфаќа теоретски и практични знаења од областа на машинството, електрониката, автоматиката и компјутерското управување со технолошки процеси.

Особено внимание се посветува на развојот на инженерските компетенции, примената на современи технологии како PLC системи, роботика и автоматизација, како и унапредувањето на производните и управувачките процеси.

Студентите имаат можност да учествуваат во научни конференции, семинари и практична работа во соработка со индустриски компании и технолошки организации. По завршувањето на студиите, студентите се подготвени за успешна кариера во индустрискиот, производствениот и технолошкиот сектор.