Search

Студентите на Машински факултет на теренска настава во компании

Во рамките на предвидените активности за теренска настава дел од студентите на Машински факултет во Штип на 24 април 2025 година посетија две производствени фабрики во Источна Македонија, фабриките „Винчини“ во Виница, која е дел од групацијата „Макпрогрес“ и фабриката „Руен инокс автомобиле“ во Кочани.

Во фабриката „Винчини“ студентите најпрво беа запознати со палетата на производи кои се произведуваат во оваа фабрика а потоа го посетија погонот за производство на чоколадни кондиторски производи. Овде студентите  беа запознати со машинската опрема и производните линии, начинот на организација на производството од влезни суровини до готов производ.

Во фабриката „Руен инокс автомобиле“ – Кочани се произведуваат делови за автомобили: спојки (спојка на спојката, диск и ослободување на лежишта), за патнички автомобили, камиони, автобуси и трактори. Од страна на дел од производствениот менаџмент на компанијата дипл. маш. инж. Димитар Филипов и дипл.маш.инж. Виктор Ангелов, поранешни студенти на Машинскиот факултет при УГД, на студентите им беа детално презентирани сите фази од производството. Започнувајќи од делот за машинска обработка, потоа Алатница, Монтажа, Галванизација, Пресерај, Термичка обработка, Ковачница, Институтот за испитување на спојки и Лабораторијата за испитување на материјали. На крајот од посетата на студентите им беа презентирани идните развојни планови на компанијата.